ИНСТИТУТ ЗА ПЕЕС

Институт за преносни електроенергетски системи

Институтот за преносни електроенергетски системи (ПЕЕС) ја негува проблематиката на преносот и дистрибутивната распределба на електричната енергија. Негувањето на оваа проблематика е од научноистражувачки, едукативен и апликативен карактер. Притоа, се разработуваат сите домени на проблематиката, од оптималното планирање и проектирање, до режимите и условите на експлоатација на преносните системи, како и техниката на висок напон и испитувањето на материјалите за електрична изолација.

Во едукативната сфера на работењето на ПЕЕС, централно место завземаат предметите кои се предаваат на додипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Тие ја покриваат, пред се, студиската програма Електроенергетски системи (ЕЕС), но одделни предмети се предаваат и на останатите студиски програми од областа на електроенергетика.

Наставната, научно-истражувачката и апликативната дејност ПЕЕС ја изведува со својот високостручен кадар, составен од девет наставници во различни звања, сите доктори на науки. Покрај четиригодишните студии, Институтот е во можност да спроведе и петгодишни студии на кои завршените студенти се здобиваат со звањето магистер по електротехника.