ИНСТИТУТ ЗА ПЕЕС

проф. д-р Весна Борозан

Раководител на ПЕЕС
vesnab@feit.ukim.edu.mk
Весна Борозан е родена во Ресен, Република Македонија, во 1962 година. Дипломирала и магистрирала на Електротехничкиот факултет во Скопје, во 1986 година и 1992 година, респективно и докторирала во 1996 година на Електротехничкиот факултет во Белград. Од 1987 година е вработена на Електротехничкиот факултет во Скопје во звање помлад асистент, подоцна Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), каде е непрекинато избирана во последователни наставно-научни звања. Во последното наставно-научно звање, редовен професор, е избрана во 2014 година.
Во текот на 1997 година имала студиски престој на Државниот универзитет на Северна Каролина, САД, во звањето пост-докторант, а во 1999 година била визитинг професор на Папскиот католички универзитет во Сантијаго де Чиле, Чиле. Во текот на 2001 година имала двомесечен студиски престој за развој на нови наставни програми на Државниот технички универзитет на Атина, Грција. Подоцна, била раководител или учесник на повеќе меѓународни и државни проекти со цел унапредување на знаењата и практиките од соодветната област и е автор или коавтор на повеќе од стотина научноистражувачки трудови. Тековно, од страна на УКИМ, таа е раководител на научно-истражувачкиот проект CROSSBOW од програмата Н2020 на Европската унија.
Од мај 2006 година до јуни 2010,  д-р Весна Борозан ја извршуваше функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Австрија, Чешката Република, Словачка Република и Јапонија.
Нејзин главен сегашен истражувачки интерес се пазарното стопанисување со електрична енергија и соодветната регулатива, вклучувањето на обновливи извори на електрична енергија во дистрибутивни мрежи и микро-мрежите.
Проф. Весна Борозан е претседател на студискиот комитет Ц5 на МАКО СИГРЕ и SM IEEE. Истражувачки области: пазарно стопанисување со електрична енергија, вклучување на обновливи извори на електрична енергија во дистрибутивни мрежи, микро-мрежи, методи за следење и оптимално водење на дистрибутивни електроенергетски системи, режими на работа на електроенергетски системи.

проф. д-р Рубин Талески

rubint@feit.ukim.edu.mk
 
Роден е во 1957 година во Прилеп. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1980, 1990 и 1996 година, соодветно. Во периодот 1981 – 1987 година работи во ЕМО – Охрид на повеќе позиции како раководител, проектант и соработник во Институтот за енергетика. На Факултетот се вработил во 1987 година како асистент. Во 1997 година е избран за доцент, а во 2002 и 2007 година е избран за вонреден, т.е редовен професор. Како наставник е одговорен за неколку предмети од додипломски и магистерски студии. Автор или коавтор е на повеќе од 50 трудови публикувани во реномирани меѓународни научни списанија и зборници од конференции. Коавтор е на два универзитетски учебника. Учесник е во голем број апликативни проекти, работени за компаниите од електроенергетскиот сектор, како и научно-истражувачки проекти финансирани од Европската унија. Неговите истражувања се фокусирани на областите: преносни и дистрибутивни системи, пазари на електрична енергија, електрично осветление.

проф. д-р Мирко Тодоровски

Раководител на лабораторија за висок напон
mirko@feit.ukim.edu.mk
  Трудови    
Роден е во 1972 во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995, 1998 и во 2004 година, соодветно. Од 1997 до 2005 година бил вработен во Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при Македонската академија на науките и уметностите. На Факултетот е вработен како асистент од 2006 година. Во 2007 година е избран во звањето доцент, во 2012 година во звањето вонреден професор, а во 2017 во звањето редовен професор. Во овој момент тој е задолжен за изведување на наставата по четири предмети на додипломските и магистерските студии на Факултетот. Објавил педесетина трудови во научни списанија и на конференции во земјата и странство. За трудовите објавени во 2003 година ја добил наградата за млад научник на годината „Вита Поп-Јорданова” при МАНУ. Учествувал во петнаесетина научно-истражувачки проекти од областа на електроенергетиката, главно финансирани од меѓународни фондови. Покрај тоа учествувал во изработката на десетина апликативни проекти и студии за потребите на стопанството на Македонија. Неговите области на интерес во научно-истражувачката работа се компјутерски симулации при анализата на работата на електроенергетските системи во стационарни и преодни состојби, како и примената на оптимизациони методи. За трудовите објавени во 2014 година добил награда од УКИМ за покажани врвни резултати во научноистражувачката дејност.

проф. д-р Александра Крколева Матеска

Раководител на лабораторија за пазари за електрична енергија
krkoleva@feit.ukim.edu.mk
Родена е во 1979 год. во Скопје. Дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје во 2003 година. Магистрирала на Факултетот за електротехника и информациски технологии во 2007 година. По дипломирањето работи во претставништвото на ABB во Скопје, а од 2005 година е ангажирана како соработник на истражувачки проекти во рамките на Факултетот. Како демонстратор почнува да работи во 2007 год., а во 2008 е избрана за помлад асистент. Двапати била на студиски престој во Универзитетот во Манчестер, во текот на 2004 и 2006 година, каде работела на истражувања од областа на квалитет на електрична енергија и режими на работа на електрични мрежи со дисперзирано производство. Ангажирана е за изведување аудиториски и лабораториски вежби по повеќе предмети, меѓу кои заземјувачи и заземјувачки системи во енергетските мрежи, техника на висок напон 2, високонапонски мрежи и системи, компјутерски методи во електроенергетика, апликативен софтвер во електроенергетика, технички системи на управување и планирање и развој на електроенергетски системи. До сега има објавено 13 научни трудови. Учествува во неколку меѓународни проекти. Член е на студискиот комитет Ц6 MAKO CIGRE и GSM IEEE. Истражувачки области во кои работи се дистрибутивни системи на електрична енергија со дисперзирано производство и микро-мрежи, вклучување на обновливи извори на електрична енергија во електроенергетската мрежа, пазарно стопанисување со електрична енергија, квалитет на електрична енергија, техника на висок напон.

доц. д-р Јорданчо Ангелов

jordanco@feit.ukim.edu.mk
Роден е во 1978 год. во Јоханесбург, Јужноафриканска Република. Дипломирал во 2003 година на Електротехничкиот факултет во Скопје. Магистрирал и докторирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, во 2010 и 2016 година, соодветно. Од 2003 година, ангажиран е за изведување на лабораториските вежби во Лабораторијата за електрични мерења, за потоа извесен период да работи во ЦЕР – Скопје. На Факултетот почнува да работи како демонстратор во 2007 година. Досега бил ангажиран на предметите: електротехнички материјали, надземни и кабелски водови, пазари на електрична енергија, техника на висок напон 1, висок напон, компјутерска анализа на стационарни режими на ЕЕС, компјутерска анализа на динамички режими на ЕЕС и менаџмент на ЕЕС. Во моментот е одговорен за изведување на настава и/или аудиториски и лабораториски вежби по предметите: надземни и кабелски водови, техника на висок напон 1, техника на висок напон 2, заземјувачи и заземјувачки системи во ЕЕ мрежи и компјутерски методи за анализа на стационарни режими во ЕЕС. Се јавува како автор или коавтор во бројни трудови. Од 2004 година учествува во реализација на голем број профилактички испитувања на високонапонска опрема и опрема за заштита при работа. Неговите области на интерес во научно-истражувачката работа се профилактички испитувања на високонапонската опрема, координација на изолација, анализа на електроенергетските системи.

доц. д-р Јовица Вулетиќ

jovicav@feit.ukim.edu.mk
Роден е 1982 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје во 2007 година. Во текот на своите додипломски студии има добивано награди за успешно студирање. Магистрирал и докторирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии во 2010 и 2016 соодветно. На Факултетот почнува да работи од октомври 2007 год., како демонстратор. За помлад асистент е избран во 2012 год., а за доцент во 2017 год. Во моментов е одговорен за изведувањето настава и/или аудиториски и лабораториски вежби по следните предмети: преносни и дистрибутивни системи, квалитет на електрична енергија, електрично осветление, нисконапонски електрични инсталации и осветление, дистрибутивни системи и компјутерски поддржано проектирање на електрични инсталации. Има учествувано како автор/коавтор во бројни трудови. Област на негов научно-истражувачки интерес претставуваат дистрибутивните мрежи, оптимизациски методи и квалитетот на електрична енергија.

доц. д-р Петар Крстевски

petark@feit.ukim.edu.mk

асист. м-р Васко Здравески

vaskoz@feit.ukim.edu.mk